Проф. Д-р Катерина Дамевска
Спец. по Дерматовенерологија
ЈЗУ Универзитетска Клиника за Дерматологија, Универзитет Кирил и Методиј, Скопје
Кога треба да се користи препарат со заштитен фактор?
Препарат за заштита треба да се користи секогаш кога УВ-индексот е над 3. Доколку сте во околина која рефлектира светлина (снег, водна површина), користете заштита, и покрај тоа што УВ-индексот е под 3.
Дали стаклото штити од сончевите зраци?
Комерцијалните стакла што се користат во зградите и во автомобилите речиси 100 % ги блокираат
УВБ-зраците, но пропуштаат речиси 50 % од УВА-зраците. Стаклата со додатна УВА-заштита се
скапи и ретко се користат. Тоа значи дека ако работите покрај прозорец или ако сте во автомобил,
па дури и во авион покрај прозорец, вие сте изложени на штетното влијание на УВА-зраците
(токму тие што длабоко продираат во кожата и што се одговорни за стареењето и за
карциномите).
Ако работите во објект со стаклени ѕидови, проверете дали стаклото ги блокира УВА-зраците. Ако
е можно, обезбедете додатна заштита со фолија за стакло која има ознака дека обезбедува УВА +
УВБ-заштита. Ако тоа не е можно, употребувајте препарат со УВА-заштита на секои 3-4 часа.
Некои понови автомобили имаат предно стакло со УВА-заштита, но страничните и задното стакло
речиси никогаш немаат таква заштита.
Дали облеката обезбедува заштита од УВ-зраците?
Целосна заштита од УВ-зраците овозможува само густо ткаениот текстил. Проѕирните тенки ткаенини не обезбедуваат доволна заштита. Кај лицата кои се чувствителни на сонце или со болести на кожата кои се влошуваат при изложување на сонце се препорачува специјална облека (UV protective fabric UPF). Таа може да се замени со комбинација на облека и со нанесување заштитен препарат.
Изложеноста на УВ-зраците на планина
На планина не сте заштитени од УВ-зраците. Напротив, УВ-радијацијата се зголемува колку сте на поголема надморска височина. Ова е особено важно во зима или за време на престој покрај планински езера, кои ја рефлектираат светлината.
Облачни и врнежливи денови
Погрешно е мислењето дека не е потребна фотопротекција во облачни или во дождливи денови. Точно е дека УВБ-зраците се намалуваат при облачни денови, но УВА-зраците непречено поминуваат низ облаци, дожд и низ магла.
Како правилно да се користи заштитниот препарат?
Препаратот за заштита треба да се нанесе 20 минути пред изложување на сонце, во доволна
количина, на сите површини кои се незаштитени од облека.
За да биде заштитата ефикасна, треба да се нанесе доволна количина. Препорачана количина е 2
милиграма крем на еден квадратен сантиметар кожа. Во пракса тоа значи дека за покривање на
телото на возрасен потребни се околу 25-35 грама крем или најмалку 2 супени лажици. На плажа
апликацијата треба да се повторува на секои 2 часа бидејќи кремот лесно се брише и измива при
капење или при потење. Во други услови апликацијата може да се повторува на 3-4 часа.
УПОТРЕБА КАЈ ДЕЦА
Чувајте ги бебињата под сенка. Употреба на заштитни кремови не се препорачува под 6-месечна
возраст.
Кај поголемите деца ограничете го времето на директа експозиција на сонце, погрижете се кожата
да е покриена со облека и нанесувајте заштитен крем со заштитен фактор најмалку 30 (SPF 30). На
плажа нанесувајте нов слој по капењето затоа што не постои водоотпорен крем.
ВИТАМИН Д
Нашето тело произведува витамин Д кога кожата е изложена на УВБ-зраците. Хепарот и бубрегот
се органите во кои се одвива трансформацијата на инертниот во активен витамин Д, кој е
неопходен за апсорпцијата на калциум и за здравјето на коските.
Постои дилема дали заштитните препарати ја спречуваат синтезата на витамин Д. Студиите
покажуваат дека за одвивање на споменатите физиолошки процеси доволна е експозиција на
телото од 10 минути дневно.