Зошто треба да се аплицира средство за заштита од сонце?
Средство за заштита на кожата од сонце треба да се аплицира првенствено поради невидливите ултравиолетови (УВ) зраци од сонцето, имено УВА- и УВБ-зраците.
Сонцето, како неисцрпен извор на енергија и на живот, во нашата земја присутно е во поголемиот дел од годината и, секако, најмногу во лето. Тоа, во одредена мера, е добро за нас бидејќи е важен извор на витамин Д, којшто е есенцијален за здрави коски, и воедно го поттикнува нивото на серотонин и ни го подобрува нашето расположение. Познат и корисен е и ефектот на сончевото зрачење врз човечката психа. Без оглед на уникатните придобивки од сончевите зраци за целокупната благосостојба на организмот, обезбедени со рационално и со контролирано изложување на сонце, треба да нагласиме дека сонцето предизвикува неколку ризици во случај на продолжено изложување на сонце.
Прекумерната и постојана изложеност на сонце може да има сериозни здравствени ефекти, на пример предвремено стареење на кожата, па дури и рак на кожата. Во зависност од типот на кожата и од други фактори, времето на изложување на сонце, во коешто ултравиолетовото зрачење може да предизвика сериозни здравствени проблеми коишто веќе ги споменавме, се разликува од едно до друго лице.